Connect with us

Други спортови

Српска тинејџерка го освои турнирот во Москва

Србинката Олга Даниловиќ го освои турнирот на земја во руската престолнина Москва со награден фонд од 750 илјади долари. Даниловиќ, која влезе во главната шема како „среќна губитничка“ од квалификациите, ја победи во натпреварот за трофејот учесничката со „вајлд карта“ и претставничка на домаќините Анастасија Потапова со 7:5, 6:7 (1), 6:4 по 2 часа и 19 минути игра.

Финалето беше прво и за двете 17-годишни тенисерки во ВТА турнирите. Даниловиќ (187-та во светот) израмни рано заостанување од 1:4 во гемови, за да стигне до успехот во првиот сет. Во вториот дел Србинката направи брејк за 5:4 и пропушти меч топка при сопствен сервис во следниот гем, а потоа 204-та на листата, Потапова го освои категорично тајбрејкот и го израмни резултатот.

Русинката израмни заостанување од 0:2 во решавачкиот трет сет, по што на двапати поведуваше со брејк при 3:2 и 4:3, но Србинката реализира пресврт со серија од три последователни гема и го освои турнирот.

По силното претставување во текот на неделата двете ќе запишат рекорден пласман во светската ранглиста, откако Даниловиќ ќе прогресира до 112-тото место, а Потапова ќе биде 134-та.