Connect with us

Ракомет

„Трофеј Карпати“: Убедлив пораз на Македонија на стартот

Женската ракометна репрезентација на Македонија со пораз ги почна настапите на меѓународниот турнир „Трофеј Карпати“ во Романија. Во мечот од првото коло што заврши предмалку во Крајова, избраничките на селекторот Симе Симовски беа убедливо поразени од Бразил со 19:32 (13:16).

Ако во воведните 30 минути македонските ракометарки успеваа да се носат некако со фаворизираните Бразилки, во продолжение на средбата се случи пад во нивната игра, но против себе, притоа, ја имаа и Мајса Пешоа, поранешната голманка на ЖРК Вардар. Со своите интервенции, таа едноставно ги откажа „црвено-жолтите“ кои и онака тешко го следеа силното темпо што беше наметнато, па вториот дел го завршија со само шест погодоци.

Ростерот на Македонија на „Трофеј Карпати“ е без три стандардни ракометарки. Турнирот во Крајова го пропушта повредената Мирјета Бајрамовска, а поради клупски обврски во Турција ги нема ниту Душица Георгиевска и Маја Трпковска.

Македонија утре од 15 часот ќе игра против Романија, во недела, во последното коло, и против Полска од 13 часот.