Фудбал
УЕФА се откажа од враќањето на младите руски репрезентации

Европската фудбалска унија (УЕФА) објави дека се откажала од враќањето на руските репрезентации до 17 години на меѓународните натпреварувања, јавува Би-Би-Си.
УЕФА пред две недели одлучи да ја ублажи општата забрана за настап на руските репрезентации и клубови на меѓународни натпреварувања.
Челниците на УЕФА планираа да ги вратат руските селекции на 17 години. Во тогашното соопштение беше наведено дека УЕФА „свесна е дека децата не треба да се казнуваат за постапки кои се исклучиво одговорност на возрасните и е цврсто убедена дека фудбалот никогаш не треба да се откаже од испраќањето пораки за мир и надеж“.
Сепак, бројни европски фудбалски сојузи најавија дека ќе ги бојкотираат натпреварите против руските репрезентации.
Британските медиуми пишуваат дека УЕФА не нашла „техничко решение“ кое би им овозможило на руските репрезентации да играат во квалификациските натпревари за Европското првенство.
„Не е можно да се најде никакво техничко решение за да им се дозволи на руските тимови да играат“, изјави портпаролот на УЕФА, кој додаде дека точката од дневниот ред е повлечена.
Русија е суспендирана од меѓународните натпревари по војната во Украина во февруари 2022 година.