Фудбал
Во Баерн врие поради војната! Израелско-палестинскиот конфликт се разгорува во соблекувалната на Баварците, а политичарите се огласија: Избркајте го Арапот од Германија!

Војната меѓу Израел и Палестина се прели во фудбалот. Голем проблем настана во тимот на Баерн Минхен во чија соблекувална има двајца играчи на спротивните страни кога е во прашање тој конфликт.
Израелецот Даниел Перец е со својот народ и испрати јасна порака: – Моето срце е со сите луѓе. Останете силни и грижете се. Ќе го надминеме и ова – рече Переc.
Од друга страна, играчот со арапско потекло, Мароканецот Насер Мазрауи јасно ги брани правата на Палестинците.
– Немојте да мислите дека Аллах не внимава што прават неправедниците! Ги пушта само до Денот кога очите ќе им останат отворени – истакна Мазрауи.
Во целата приказна “подебелиот крај“ го извлече Мазрауи. Политичката агенда во Германија е таква што Израел е недвосмислено поддржан. И Баерн како најголем клуб во земјава го следи овој став. Како што, на крајот на краиштата, е мнозинството од населението. Затоа Мазрауи мораше да се оправда за кажаното.
– Најпрво би сакал да кажам дека сум разочаран што дури морам да објаснам за што се залагам. Тие убиваат илјадници невини луѓе. Јас сум за мир и правда на овој свет. Секогаш ќе бидам против секаков вид тероризам, омраза и насилство. Отсекогаш сум бил… Не се работи за тоа што јас мислам или што мислите вие, секој ден се убиваат невини и имаме конфликт кој излезе од контрола. Сите треба да бидеме против тоа. Не е хумано – објасни Мазрауи за Билд.
А во меѓувреме се огласија и политичарите. Пратеникот Јоханес Штајнигер потсетува дека претседател со најдолг стаж во историјата на Баерн бил Евреинот Курт Ландауер. Затоа тој испраќа јасна порака до Баварците во врска со Мазрауи.
– Драг Баерн: Исфрлете го веднаш. Уште повеќе, државата нека ги искористи сите можности да го избрка од Германија – напиша Штајнигер на Твитер.