Други спортови
Втора победа на Италија на одбојкарскиот Куп на шампиони во Осака
Одбојкарите на Италија ја остварија втората победа на „Гренд Чампионс Купот“, односно Купот на континенталните шампиони и Јапонија, која е организатор на годинашното седмо издание.
Во последниот натпревар од 3. коло, италијанските одбојкари забележаа победа над Јапонија со 3:1 по сетови 25-23, 22-25, 25-20 и 25-22.
Во првиот меч од денешната програма, Бразил убедливо со 3:0 го совлада Иран, а неочекувано убедлив и максимален пораз со 3:0 претрпе и Франција во мечот со САД.
По три одиграни кола, Бразил и САД се на врвот на табелата со по седум освоени бодови, Италија е трета со еден помалку (6), а по неа следуваат Иран со четири, Франција со три и последно пласираната Јапонија која досега нема освоено ниту еден бод.
Во следната рунда на програмата е дербито меѓу двете прворангирани селекции Бразил и САД.