Connect with us

Ракомет

Завршна фаза од подготовките на македонските ракометари за ЕП во Хрватска

Машката ракометна репрезентаија на Македонија по дводневната пауза за Божиќните празници денеска ги започнува завршните подготовки за претстојното Европско првенство што на 12 јануари стартува во Хрватска.

По двата контролни натпревaри во Белград против Саудиска Арабија и Србија кои црвено-жолтите ги решија во своја полза, избраниците на селекторот Раул Гонзалез, од денеска до четврток ќе ги одработат завршните подготовки, на кои најголемо внимание шпанскиот стратег ќе обрне на тактички план.

Видлива беше позитивната енергија и новитетите во играта на македонската репрезентација на дуелите во Белград, на кои помладите ракометари беа во преден план, па сега Гонзалез ќе ја воигрува младоста со искуството на повеќемината играчи кои зад себе веќе имаат поголем број на настапи на големите натпреварувања.

Според програмата црвено-жолтите до четврток ќе осработуваат по два тренинга по што в петок заминуваат за Загреб, каде ќе се играат натпреварите од Ц групата.

Европското првенство репрезентацијата на Македонија ќе го отвори со дуелот – Словенија (13 јануари 2018), по која ќе следуваат натпреварите – Црна Гора (15 јануари), па актуелниот европски шампион Германија (17 јануари ).

Само најслабо рангираната селекција нема да се пласира во четвртфиналната група, во која ќе вкрстат со трите првопласирани селекции од Д групата во која играат: Шпанија, Данска, Чешка и Унгарија.