Фудбал
Новиот протокол на Комисијата за заразни болести го блокираше фудбалот, ФФМ бара брзи тестови
Комисија за натпреварување во рамки на Фудбалската федерација на Македонија информира дека поради измени на Протоколот за спроведување мерки за заштита од „Ковид 19“ и стапување на сила на Општиот Протокол за организирање на натпревари, натпреварите од 11. коло на Прва МФЛ и 10. коло на Втора МФЛ – Исток и Запад кои требаше да се одиграат на 31.10.2020. (сабота) и 01.11.2020. (недела), се одложуваат и истите се пренасочуваат за одигрување на 07.11.2020. (сабота) – 11. коло од Прва МФЛ и 10. коло, Втора МФЛ – Исток и Запад на 08.11.2020 (недела) .
Во Општиот протокот за организирање на спортски натпревари се вели:
Спортските клубови се обврзани задолжително да спроведат ПЦР тестирање на играчите и тренерите 72 часа пред почеток на секој натпревар, од сопствени средства на клубот, со цел откривање на асимптоматски инфицираните лица.
Токму ова е еден од најголемите проблеми, бидејќи клубовите даваат големи пари за тестирања на фудбалерите и целиот стручен штаб. Поради тоа ФФМ испратило допис до Комисијата за заразни болести во кој се бара да се овозможат брзи тестови на клубовите поради помалата цена. Максимум секој клуб со овие тестови би го чинело околу 20 илјади денари, на почетокот сумата ќе ја покрива ФФМ, а потоа самите клубови. Сегашната цена на тестовите се движи од 3000 денари па нагоре по лице. Еден фудбалски клуб заедно со резервните фудбалери и стручниот штаб има 25 членови, а тоа значи дека за тестови би им биле потребни 75 илјади денари за едно коло, а месечно 300 илјади денари,.