Connect with us

Фудбал

Депај повторно е херој на Барселона

Фудбалерите на Барселона денеска на домашен терен го совладаа Хетафе со 2:1 во третото коло од шпанската Ла Лига.

Каталонскиот клуб успеа да стигне до втората победа сезонава, но потешко од очекувањата дојде до трите бода против Хетафе.

Барселона одлично го отвори натпреварот и поведе во втората минута од натпреварот. По одличната акција, Жорди Алба ја испрати топката во шеснаесетникот на гостите од левата страна, а на неа истрча Серхи Роберто и погоди за 1:0.

Тогаш се очекуваше дека Барселона ќе тргне уште поофанзивно кон голот на Хетафе, но гостите одлично одговорија.

Клубот од предградието на Мадрид успеа да израмни на 1:1 во 19 . минута. Гостите одиграа фантастична акција, а израмнувањето го постигна поранешниот играч на каталонскиот клуб Сандро.

После тоа, Барселона ја имаше иницијативата на средината на теренот, и се исплатеше многу брзо.

Каталонците поведоа со 2: 1 во 30. минута и се покажа дека тоа беше решавачкиот момент на натпреварот. Во центарот на вниманието беше Мемфис Депај, кој со одличен дриблинг „нокаутираше“ еден од гостинските играчи, а потоа погоди за 2:1.

На почетокот на второто полувреме, гостите повторно имаа голема шанса за израмнување. Јанкто се обиде од врвот на казнениот простор, но Тер Штеген го одбрани.

Барселона ја задржа предноста во второто полувреме и немаше амбиции да оди на третиот гол. Хетафе, пак, немаше сили да израмни и остана 2:1 до крајот.

Каталонците во моментов се четврти со седум бода, колку што имаат Реал Мадрид, Севиља, Валенсија и Мајорка. Хетафе, пак, е само на 18 . место без бодови.