Фудбал
Откриено кои играчи ПСЖ му ги ветил на Мбапе, а погодувате, никој од нив не е купен!
Килијан Мбапе летово го продолжи договорот со ПСЖ, иако многумина беа сигурни дека кариерата ќе ја продолжи во Реал Мадрид.
Сепак, Мбапе во последен момент се предомисли и на изненадување на фудбалската јавност конечно потврди дека останува во ПСЖ и дека одлучил да ја продолжи соработката до летото 2025 година.
Во Реал Мадрид беа разочарани од ваквата одлука, бидејќи на почетокот на годината со Мбапе договорија речиси се, а потоа тој ги шокираше со одлуката да ја прифати понудата на ПСЖ, иако претходно неколку пати ги одбиваше парижаните.
Но, кога во јавноста се појавија одредени информации за новиот договор на Мбапе, не беше изненадување што тој реши да остане. Тој стана еден од најплатените играчи во светот, а освен тоа доби неверојатни овластувања во клубот и може да одлучува дури и за трансфер политиката.
Меѓутоа, кога започна новата сезона, Мбапе навистина не се истакна. Тој се повеќе е во јавноста поради своето арогантно однесување, а неодамна се појавија шпекулации дека сака што поскоро да го напушти ПСЖ.
Француските медиуми пишуваат дека Мбапе не е задоволен од статусот во клубот и дека не го добил тоа што му било ветено, па дури и постои опција да го напушти ПСЖ во јануари доколку за него дојде задоволителна понуда.
Медиумите во Франција во последните денови објавуваат се повеќе детали од договорот на Мбапе, а ретко кој може да поверува дека ПСЖ се согласил на сето тоа само за да го задржи во клубот.
Но, сега проблем се ветувањата кои клубот не ги исполни, а Мбапе набрзо по продолжувањето на соработката почна да им замерува на клупските челници бидејќи не исполнуваат се што му ветија за потпишување на новиот договор.
Ле Паризиен денеска објави дека ПСЖ летово ветил големи засилувања, а на списокот имало тројца фудбалери, но на крајот ниту еден од нив не дошол во клубот од Париз.
Наводно челниците на ПСЖ му ветиле на Мбапе дека ќе ги доведат Роберт Левандовски, Милан Шкриниар и Бернардо Силва пред почетокот на сезоната и тоа беше една од точките во преговорите што му ја ветија на овој напаѓач.
ПСЖ летово навистина се обиде да ги доведе овие фудбалери, но на крајот не успеа да донесе ниту еден од нив. Левандовски замина во Барселона, додека Шкриниар и Силва останаа во своите клубови. Шкриниар беше единствениот блиску до потпис за ПСЖ, но во последен момент реши да остане во Интер.
Наместо ветените засилувања, ПСЖ на крајот ги доведе Нуно Мендеш, Витиња, Фабијан Руиз, Карлос Солер, Ренато Санчес, Норди Мукиеле и Хуго Екитике.