Фудбал
Со Конте се менуваат работите: Азар отпаѓа како засилување, ова е потенцијалната листа на желби
Италијанецот секогаш има јасни барања, сигурно дека не би го прифатил повикот ако нема одредено ветување од Флорентино Перез.
Ако Антонио Конте ја преземе клупата на Реал, некои од споменуваните засилувања во изминатиот период дефинитивно отпаѓаат, а прв е Еден Азар кој не соработуваше баш најдобро со Италијанецот.
Сигурно е дека во летниот преоден рок Италијанецот ќе побара од клубот да го доведат Пол Погба, веројатно некој италијански стопер за да ја засили конкуренцијата, а со доаѓањето на Конте можеби би постоела шанса да се врати и Алваро Мората кој нема многу среќа во Челзи.
Конте пред се ќе инсистира да се засилат страничните позиции, во ниту еден случај нема да го пушти Марсело бидејќи Италијанецот форсира систем 3-5-2, во кој Марсело би играл како крилен бек, позиција како измислена за него.
Засега сето ова е само на ниво на шпекулации, во јануари Реал нема да може да го купи сето она што му е потребно. Конте сигурно веднаш ќе бара напаѓач, можеби и Кавани кој безуспешно го брка со години, а за десната страна Реал ќе се обиде да го доведе Квадрадо од Јувентус.
Во секој случај, Азар отпаѓа, тоа за Челзи е најважно, тој би можел да го продолжи договорот, а нов „Галактикос“ секако би можел да биде Нејмар, иако неговата цена ќе биде огромна.
Конте веројатно би потпишал договор на две и пол години, а сигурно добил и одредени ветувања штом прифатил да го прекине одморот и да преземе тим кој не го селектирал. Летоска не сакаше да седне на клупата бидејќи чекаше обештетување од страна на Челзи, а сега ситуацијата е поинаква.
Ако не биде именуван за нов тренер до среда, тимот ќе го води Солари, а Конте би можел да дебитира следниот викенд во Ла Лига.