Connect with us

Фудбал

Ангеловски: Мора да одиграме на највисоко ниво против Италија

Селекторот Игор Ангеловски има само пофални зборови за силната селекција на Италија и вели дека неговите фудбалери за да можат да му парираат на силниот противник мора да одиграат на највисоко можно ниво.

„Италија е репрезентација која игра тактички беспрекорен фудбал, од нив потекнува тактичкиот фудбал. Можеби на некои не им се допаѓа нивната игра, но тие четири пати го освојуваа Светското првенство. За да им парираме ние мора да одиграме на нашето највисоко ниво и во нападот и во одбраната“ – вели Ангеловски.

Напаѓачот Марјан Радески смета дека Македонија има офанзивна линија која може да ја пробие најдобрата одбрана во светот.

„Со нетрпение го чекавме овој собир, не се собравме во репрезентацијата со чувство како да сме на екскурзија, туку да оствариме позитивни резултати со Италија и Лихтенштајн. Не очекува дуел со противник кој ја има најдобрата одбрана во светот. Но, и ние имаме добри напаѓачи, тоа го покажавме во Скопје. На првиот меч не нѐ посака среќата, се надевам дека во Торино ќе биде спротивното и ќе успееме да дојдеме до позитивен резултат“, изјави Радески.