Фудбал
Баерн славеше во Париз со 10 играчи, поништен гол на Мбапе
Фудбалерите на Баерн го победија Пари Сен Жермен на гости во Париз во првиот натпревар од осминафиналето на Лигата на шампионите.
Натпреварот на стадионот „Паркот на Принцовите“ заврши со резултат 0:1.
Заслужена победа на Баварците пред реваншот во Минхен на 8 март.
Стрелец на единствениот гол беше францускиот интернационалец и поранешен играч на ПСЖ Кингсли Коман во 53. минута по асистенција на Алфонсо Дејвис . Канаѓанецот штом влезе во игра нафрли од левата страна, а Коман шутираше од прва и ја испрати топката под Донарума. Италијанскиот голман мораше подобро да реагира во оваа ситуација.
Фудбалерите на Баерн можеа да постигнат уште еден гол, најдобрата шанса ја имаше Максим Чупо-Мотинг , во вториот дел, но ја погоди пречката.
Парижаните разочараа со својата игра, со влегувањето на недоволно опоравениот Килијан Мбапе создадоа неколку шанси. Успеаја да постигнат гол на крајот од мечот, токму преку Мбапе, но по проверката на ВАР, голот оправдано беше поништен поради офсајд.
Во финишот на натпреварот, дефанзивецот на Баерн Бенџамин Павар доби втор жолт или црвен картон и нема да може да настапи на реваншот во Минхен.
Во вториот натпревар на турнирот, екипата на Милан го совлада тимот на Тотенхем со 1:0 пред своите навивачи на Сан Сиро.