Connect with us

Други спортови

Дарио Ивановски победник на уличната трка „Скопје трча 10 км“

Македонскиот атлетичар Дарио Ивановски победи на денешната улична трка „Скопје трча 10 км“. Тој ја оправда улогата фаворит и делницата од 10 километри ја истрча за 30:52 минути што е рекорд на улична трка во Македонија. Второто место му припадна на Муса Хајредини со време 32:34 минути, а трет беше Атанас Анчевски со време 33:44 минути.

– Пресреќен сум за освоеното првото место, особено што бев болен последните неколку денови. Организацијата беше феноменална и беше вистинско задоволство да се трча меѓу маса луѓе. Не го очекував тоа време, но како што вели мојот тренер Игор Јакимовски „кога е најтешко сме најдобри“, изјави победникот Ивановски, кој е воедно и победник на Скопскиот полумаратон оваа година.

Во женска конкуренција триумфираше Греша Бакрачи со време 40:00 минути, пред Весна Кираџиева која имаше резултат 41:28 минути, додека третото место и припадна на Биљана Кираџиева со време 43:10 минути.

– Одлична организација во што не се ни сомневав. Задоволна сум од мојот резултат бидејќи вчера трчав на друг натпревар и ова беше успешно завршен викенд, изјави Весна Кираџиева македонската шампионка во маратон.

Од штафетната трка најдобри беа 091 RUNCRW со 37:20 минути.

Околу 900 натпреварувачи го исполнија булевар „Илинден“ за Скопје трча 10КМ (Skopje Run 10K). Атмосферата беше исполнета со радост, забава и фер натпревар кој дефинитивно го одбележа спортскиот начин на живеење во Скопје.

Организатор на трката е Сојузот на спортови на Скопје, во соработка со Атлетски Клуб Работнички и Атлетската федерација на Македонија и тие очекуваат Скопје трча 10КМ да прерасне во традиционален настан.

Генерален покровител на Скопје трча 10КМ е Агенција за млади и спорт, помогната од официјалните партнери и спонзори. Оваа трка е дел од календарот на Атлетската федерација на Македонија (АФМ) и Европската атлетска асоцијација (ЕАА), а од следната година предвидено е да стане член на Меѓународната асоцијација на маратони и улични трки (АИМС).