Connect with us

Фудбал

Дибала знае што треба да направат играчите на Јувентус за да излезат од големата криза

Фудбалерите на Јувентус се во голема резултатска криза на почетокот на новата сезона во Серија А.

Неверојатно е дека по четири одиграни кола, Јувентус е само на 18 -то место со два освоени бода.

Старата дама и натаму е без победа во новата сезона, а во претходното коло Јуве ремизираше против Милан (1:1) на домашен терен, иако имаше водство од 1:0 скоро цел натпревар.

Јасно е дека има голема криза во Јувентус, па дури ни најстарите навивачи на клубот од Торино не паметат ваков лош старт.

По натпреварот против Милан, дури и Масимилијано Алегри ги загуби нервите и го крена гласот до своите играчи, и едноставно се обиде некако да ги „разбуди“.

Пред утрешното гостување на Специја, зборуваше и Пауло Дибала, кој рече дека играчите едноставно мора да бидат обединети и дека сигурно ќе излезат од моменталната резултатска криза.

„Во тешки времиња, немате друг избор освен да бидете обединети. Го направивме тоа во минатото и сега можеме и мораме да го повториме. Секогаш до крај“, рече Аргентинецот.

Натпреварот помеѓу Специја и Јувентус во петтото коло од Серија А се игра утре со почеток во 18:30 часот.