Connect with us

Ракомет

Дибирова: Во ВРХЛ се воигруваме, но треба и да победуваме

Тренерот на ЖРК Вардар, Ирина Дибирова за претстојните натпревари од Регионалната лига вели дека се добредојдени за воигрување, но потенцира дека се важни и од резултатски аспект.

„Црвено-црните“ утре и задутре во Љубљана ќе играат на вториот турнир од регионалната ВРХЛ лига, повторно против екипите на Крим и на Будуќност.

– Ни требаат повеќе натпревари да играме. Но, ние секогаш се концентрираме само на нашата игра. Регионалната лига е за воигрување, но треба и да се победува. Тоа се натпревари во кои сакаме да пробаме и нови работи, да се воиграме, но го задржуваме натпреварувачкиот дух и желбата за победа. На секој меч сакаме да победуваме. Така е секогаш, па и сега во Љубљана, вели Дибирова во изјава за клупскиот сајт.

Европскиот вицепрвак Вардар кој истовремено е актуелен победник и на ВРХЛ лигата на следните две средби во Љубљана ќе биде ослабен со неиграњето на пивотменот Драгана Цвијиќ. Таа остана во Скопје поради болест, а уште неколку други ракометарки се жалат на повреда.

Оваа сезона Вардар игра на три фронта истовремено, во Лигата на шампионите, во регионалната лига и во домашното првенство. На мечевите од ВРХЛ и домашното првенство поголема минутажа добиваат и помладите ракометарки. Целта е сите да бидат во форма и да може кога тоа ќе се побара од нив да одговорат на секој предизвик.

– Многу би сакала сите да играат по 15-тина минути во натпреварите и во ЛШ. Но, на некои им треба уште малку време да влезет во ритам. Затоа се добри овие натпревари од регионалната лига за да можат повеќе да напредуваат, истакнува Дибирова.

Вардар повторно е фаворит за освојување на трофејот во регионалната лига. На првиот турнир од ВРХЛ лигата што се одржа во средината на септември во Подгорица, македонскиот првак победи со 24:22 против Будуќност и со 30:27 против Крим.