Фудбал
Диего Коста официјално претставен во Атлетико
Диего Коста и официјално се врати во неговиот поранешен клуб, Атлетико Мадрид. Трансферот шпанскиот репрезентативе изнесува 60 милиони евра, а Атлетико ќе може да го регистрира од 1 јануари наредната година.
Диего Коста изминатите две сезони постигнуваше по 20 голови и беше најдобриот стрелец на Челси во Премиер лигата. Сепак, поради несогласувањата со менаџерот Антонио Конте, тој реши да го напушти Челси.
„Секогаш говорев дека Атлетико е мојот дом. Многу, многу сум среќен. Како и секогаш, ќе дадам сè од себе за тимот. Му благодарам на директорот Мигел Анхел Хил, но и на целиот клуб што ми овозможи да се вратам“, рекол Коста.
Шпанскиот репрезентативец има 28 години, за Атлетико настапуваше од 2010 до 2014 година и во тој период постигна 64 голови на 135 одиграни натпревари. Во кариерата играл и за Панафиел, Брага, Селта, Албасете, Ваљадолид и Рајо Ваљекано.
Има два настапи за бразилската репрезентација, но од 2014 година е репрезентативец на Шпанија.