Connect with us

Фудбал

Дијаз го откажа патувањето во Колумбија поради безбедносни причини. Војската и полицијата трагаат по неговиот татко

Напаѓачот на Ливерпул, Луис Дијаз ќе остане во Англија од безбедносни причини бидејќи полицијата и војската продолжуваат да трагаат по неговиот киднапиран татко во Колумбија. Во саботата, родителите на колумбискиот фудбалер Луис Дијаз биле киднапирани од непознати лица во градот Баранкас, од каде што е 26-годишниот напаѓач. Мајката на Дијаз била спасена, но потрагата по неговиот татко се уште трае. Напаѓачот на Ливерпул сакал веднаш да се врати во татковината, но неговите роднини го одвратиле поради безбедносни причини, пренесуваат британските медиуми.

Потрагата по таткото на Дијаз продолжува, а колумбиските власти ги надгледуваат областите на џунглата во близина на границата со Венецуела за да спречат киднапираниот Луис Мануел Дијаз да биде однесен во соседната земја. Колумбиската војска соопшти дека ја продолжува потрагата со поддршка на „два моторизирани водови, беспилотни летала, контролни пунктови, хеликоптери, авиони со специјализиран радар и повеќе од 120 луѓе“.

„Јас ја прелетав областа и киднаперите ќе мораа да го поминат планинскиот венец Периа, но мислам дека човечко суштество не може да го стори тоа во таа област“, ​​изјави генералниот директор на полицијата Вилијам Саламанка. За информација за киднапирањето е понудена награда од 45.000 евра. Колумбиската фудбалска федерација на својот Инстаграм објави: „Ги замолуваме киднаперите на Луис Мануел Дијаз, таткото на Луис Дијаз, да го ослободат сега, без услови. Фудбалот е мир. Лучо, ние сме со тебе. Колумбија е со тебе“.

Селекторот на колумбиската репрезентација Нестор Лоренцо исто така побара Луис Мануел да се врати на безбедно. Молиме за брзо ослободување на твојот татко жив и здрав. Цела Колумбија е со тебе“, напиша селекторот на социјалните мрежи. Дијаз, кој играше 43 пати за Колумбија, потпиша за Ливерпул во јануари минатата година, пристигнувајќи од Порто за 45 милиони евра. Оваа сезона забележа 11 настапи и постигна три гола.