Кошарка
Ентони Дејвис потпиша нов договор со Лејкерси
Ентони Дејвис потпиша ново максимално продолжување на договорот со Лос Анџелес Лејкерс, објави водечкиот известувач на НБА, Адријан Војнаровски. „Броу“ се договорил со тимот уште 3 години, за кои ќе добие вкупно 186 милиони долари.
Тоа значи дека центарот на Лејкерс ќе добие повеќе од 270 милиони долари до 2028 година, со оглед дека има уште две години од актуелниот договор со клубот.
Сезоната 2022/23 беше негова четврта со Лејкерс, откако претходно се натпреваруваше за Њу Орлеанс Пеликанс. Во овие четири години може да се пофали и со шампионската титула од 2020 година, кога тимот во финалето го победи Мајами Хит со 4:2.
Во последната кампања тој имаше просек од 25,1 поен, 12,9 скока и 2,6 асистенции за вкупно 72 натпревари во регуларниот дел и плејофот на најсилното првенство во светот. И покрај неговата добра игра, сепак, Лејкерси беа елиминирани во финалето на Западната конференција од актуелниот шампион Денвер Нагетс по поразот од 0-4.