Connect with us

Фудбал

Фелипе: Жал ми е што мојот гол не донесе добар резултат

Во рамноправна игра, Вардар синоќа беше поразен од Розенборг. Во Трондхајм нашиот тим креираше шанси, имаше можности и при 0:0 и при минималното водство на противникот, но на крајот норвешката екипа ги искористи приликите. Водеше 3:0, а потоа во финишот од натпреварот се случи „магија“ на нашиот играч Хуан Фелипе. Во првата минута од судиското надополнување, со прекрасен лоб удар од дваесетина метри, ја спроведе топката во мрежата на Розенборг. Тоа беше еден од најубавите голови во групната фаза од Лигата на Европа оваа сезона.

„Вчера одигравме добар натпревар против Розенборг. И покрај желбата за добар резултат, не успеавме. Игравме добро, бевме рамноправен противник, имавме и неколку шанси кои што не ги искористивме. Сега ни останува да мислиме за следните мечеви. Не чекаат уште четири тешки натпревари, но мораме да размислуваме позитивно и да почнеме да освојуваме бодови“, вели Фелипе.

Неговиот гол е споредуван со многумина светски играчи кои што успеале на таков начин да ја затресат противничката мрежа. Фелипе истакна дека е среќен поради тоа, но е тажен што тој погодок не донесе добар резултат од Трондхајм.

„Драго ми е за убавиот гол. На секој играч му е драго кога ќе постигне погодок, особено на вакви натпревари. Мене ми е мило поради тоа што за мојот гол го споредуваат со големи светски играчи како што е Марадона. Но, од друга страна несреќен сум што тој убав гол не донесе поволен резултат од ова гостување. Несреќен сум за поразот на тимот и се надевам дека ќе се подобриме резултатски на следните натпревари. Се согласувам со нашиот шеф на стручниот штаб Јаневски дека и неискуството е еден од факторите за поразот. Сепак, со овие натпревари го стекнуваме и тоа искуство, и се надеваме дека во идните мечеви ќе дојдат и бодовите и добрите резултати“, изјави бразилскиот интернационалец.