Connect with us

Фудбал

ФИФА ја казни канадската фудбалска репрезентација: Со дрон ја шпионирале противничката екипа

Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) денеска ја казни канадската женска фудбалска репрезентација со одземање шест бода од олимпискиот турнир во Париз и суспендираше тројца нивни тренери на една година поради аферата со шпионирање на противничката екипа со дронови.

Покрај тоа, Канадската фудбалска федерација е казнета со 200.000 швајцарски франци, објави Асошиетед прес.

Аферата изби кога двајца помошници тренери на канадската репрезентација беа фатени како користат дронови за да го снимаат тренингот на фудбалерите на Нов Зеланд, во пресрет на дуелот меѓу двете селекции во првото коло на олимпискиот турнир.

Тренерот Беверли Пристман, кој ја предводеше Канада до олимписката титула во Токио во 2021 година, веќе е суспендиран и отповикан од националната фудбалска федерација за Игрите.

Покрај Пристман, ФИФА изрече едногодишна суспензија и за нејзините помошници Јозеф Ломбарди и Јасмин Мандер.

На стартот на олимпискиот турнир, Канада го победи Нов Зеланд со 2:1, утре ќе се сретне со Франција, а во последното коло в четврток игра против Колумбија.

И покрај одземените шест бода, Канада се уште не е елиминирана. Ако ги победат двата наредни натпревари, со три бода можеби ќе можат да се пласираат во четвртфиналето како една од двете најдобри третопласирани екипи.

Канада има право на жалба на пресудата до Судот за спортска арбитража на ФИФА, кој формираше оддел во Париз за итни сослушувања и пресуди за време на Олимпијадата.