Connect with us

Тајмаут

ФК „Маврово“ пред 50 години ја донесе фудбалската слава во Гостивар

Маврово, 5 јуни 2019 (МИА) – Успех покриен со правот на заборавот и по половина век ги буди чувствата на победничката еуфорија што завладеала во првиот град на Вардар. Гостиварските фудбалери во 1969 година во драматично финале ја освојуваат титулата прваци во аматерското фудбалско првенство на Југославија.

Тој настан на почетокот од есента 1969 година е своевиден тест за меморијата и за самите учесници. За освојувањето на титулата не можат да се најдат многу податоци. Повеќето од актерите се длабоко навлезени во осмата деценија од животот и живеат пензионерски живот, а некои за жал се веќе починати.

Успешна сезона влез за финалето

Во потрагата по повеќе детаљи, дојдовме до Панче Топалоски, своевидна легенда на гостиварскиот фудбал. Играч со долга кариера, а повеќе од една деценија и фудбалски судија. Топал има нарушено здравје ама го држи спортскиот дух. Се сеќава на тие моменти, но се служи и со личната архива од новински исечоци и фотографии. Додека разговараме, нé забележа и Мирко Апостолоски-Шиле и се придружи во „буричкањето“ низ времето.


Една од најдобрите генерации на фудбалери од Гостивар собрана под името ФК „Маврово“ (заради главниот спонзор хидроцентралите Маврово) има забележителни настапи во тогашната републичка лига. Според тогашниот начин на натпреварување таа е трета по ранг и во неа настапувале аматери. Во тогашните сојузни прва и втора лига играчите биле професионалци.

Да се стигне до ласкавата титула, претходно морало да се помине низ повеќе филтри. Таа година, ФК „Маврово“ го освојува првото место во натпреварите за Купот на маршал Тито за Македонија и обезбедува учество во завршниот турнир на источната група во Барич (кај Белград) на која настапиле клубовите од Барич, Пеќ, Титоград (Подгорица) и Гостивар. Со две победи и една загубен меч стануваат најдобро рангирани. Тој успех им овозможува директен дуел за титулата со ЖАК Кикинда.

– Првиот натпревар го игравме на гости во Кикинда во Банат (Војводина). Дотаму патувавме со воз речиси еден ден, и се сместивме во еден скромен хотел. Рецепционерот нé измерка и праша дали сме кошаркари, веројатно дека во тимот имавме крупни и високи играчи, но набрзо му стана јасно дека сме противниците на локалниот клуб, вели Шиле.

Првиот натпревар ќе бил загубен службено поради мал превид. Задолжениот за патувањето, заборавил да ги понесе легитимациите со кои играчите се пријавуваат пред натпревар. Било реагирано навреме и тие стигнале пред натпреварот.

– Во првиот натпревар бевме надиграни и загубивме со 3:1. Но, имаше некое чувство кај сите дека на реваншот можеме да ги добиеме. Имавме особено силен напад составен од млади играчи и одбрана од поискусни. Тогаш повеќето во тимот имавме по 19-20 години. Добро се познававме и бевме другари, се сеќава Панче.

По натпреварот било решено да се направи подвиг и да се искористи шансата иако резултатот бил неповолен. Тренерот Боро Синадиноски го користи периодот за физичка подготвеност на тимот. Се оди на висински подготовки во Маврово, а играчите го паметат тој период како исклучително напорен.

Реванш за паметење со пенал-рулет

За реваншот во Гостивар, тогаш владеел голем интерес. Според еден новински напис во Нова Македонија и исечокот што Панче го сочувал имало над три илјади гледачи. Но според соговорниците имало двојно повеќе.

Фудбалската драма започнала веднаш по означувањето на почетокот. Првиот гол паднал уште во втората минута, а зголемување на водството на 2:0 дошло пред крај на првото полувреме. Неизвесноста се зголемила кога гостите преку пенал намалуваат, но Гулеци  вторпат е прецизен и од слободен удар зголемува на 3:1. Вкупниот резултат по завршувањето на натпревар завршува нерешено. Правилата налагале изведување на пенали со кои ќе се одреди победникот.

– Тогаш беше правило секоја екипа шутира во серија по пет пати. Први шутиравме ние. Сите удари завршија во мрежата и притисокот остана на гостите. По вториот шут, нашиот голман Ружди одбрани и стана јасно дека сме победници, се потсетува Топалоски и дополнува: Судијата ги праша противниците дали ќе ги шутираат преостанатите, но тие се откажаа. По свирежот, публиката влезе и еуфоријата траеше дваесетина минути, сé додека судијата не побара помош да се ослободи теренот и да се додели победничкиот пехар.

Прославата се преселила по улиците и кафеаните и траела до рано утрото. Тој ден бил вистински празник за фудбалската игра во Гостивар и недостигната радост за навивачите. Многу малку фотографии и записи има од овој настан. Дел од нив во истражувањето најдовме, но најголемиот дел се само спомени.

Иако аматери кои за игрите добивале симболични износи во пари, успехот и освојувањето на тетулата од тогашната управа бил награден. Според сеќавањата на соговорниците, добиле пари кои се споредувале со три тогашни работнички плати.

На фотографијата е стартниот состав на ФК Маврово пред почетокот на напреварот: од лево (горен ред) Војо Синадиноски, Ружди Реџепи, Балта Неџати, Ќипроски Љубе-Апо, Лазе Кецман, Рефет Карпузи, (долен ред) Панче Топалоски, Сашо Герасимоски, Лиман Гулеци,  Мирко Апостолоски- Шиле, Чедомир Аврамоски-Штуре.

Генерацијата на ФК Маврово најдобра во историјата на гостиварскиот фудбал

Генерацијата гостиварци која достигнала на врвот, била забележана од управите на клубови кои настапувале во повисок ранг. Некои останале и настапувале за ФК „Силика“, а некои ги прифатиле понудите и настапувале во други дресови. Нивниот успех, ни одблизу не достигнат, иако како што велат имало и талентирани деца низ годиниве. Да се игра фудбал во тоа време било престиж. Имало малку клубови, а опрема едвај за првите состави. Талентот бил многу значаен за да се влезе на терен.

– Во фудбалот и тогаш, а особено последниве години се вртат огромни износи на пари. Тие се мотивот, а најмалку има спортско надмудрување. Во наше време победата беше императив, без оглед дали ќе бидеме парично наградени. За нас беше радост да играме во копачки и спортска опрема. Сега е поинаку, но секое време е убаво, заклучуваат двајцата.

На крајот од разговорот, дознаваме дека имаат една желба: историскиот успех и златниот јубилеј од освоената титула да биде прославен со другарска вечер. Потребна им е помош околу организацијата, а сакаат и од актуелното раководство на ФФМ да им даде поддршка. Успехот на оваа генерација, како што вели Топалоски е значаен и за македонскиот фудбал.

Зоран Г. Маџоски