Connect with us

Ракомет

„Гладијаторите“ им се вратија на победите во Супер лигата

Ракометарите на Охрид експресно им се вратија на победите во Супер лигата, откако во „Автокоманда“ го совладаа помладиот состав на Металург со 33-31 (17-15) во заостаниот меч од петтата рунда во шампионатот.

Двете екипи одиграа возбудлив натпревар и бодовите оправдано и заслужено заминаа на контото од „гладијаторите“.

Охриѓани имаа шанса да го решат победникот порано, но домашните играчи не се предадоа и со серија 3-0 се вратија комплетно во игра (30-30).

Сепак, охридските ракометари не потклекнаа во финишот, и возвратија со иста мера што им донесе конечен триумф (33-31).

На голот од Охрид блескаше Благојче Трајкоски кој запиша 16 интервенции, додека голгетерски се истакнаа Блажески со шест голови и Димитријески, Младеновски и Кљајиќ кои реализираа со пет погодоци. Во составот на Металург 2 најпрецизен беше Танкоски со десет голови.

Со третиот триумф „гладијаторите“ се изедначија на табелата со Еурофарм Работник и Пролет кој има натпревар помалки. Лидер на табелата во елитата е битолски Пелистер со 12 поени. Во седмата рунда охридските ракометари гостуваат во Велес кај Борец.

OhridNews