Кошарка
Го барал Скопје на Гугл, а сега ужива во Македонија
Прошетав на неколку места низ центарот на Скопје и можам да кажам дека е одлично место за мене. Исто така пробав од македонската храна која навистина е прекрасна. Кога пристигнав тука бев изненаден тоа како луѓето од клубот ме примија крај себе, изјави американскиот плејмејкер, кој неколку месеци е во Македонија, пишува Вечер.
Еден од тројцата Американци кои во летниот преоден рок го засилија македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје, Ерик Гарсија, уште од самиот почеток на сезоната со одлична игра се наметна кај тренерот на тимот Александар Тодоров.
Гарсија во првите три кола на Регионалната АБА лига во просек забележа по 16 поени и веќе е еден од лидерите во составот на „металците#.
Иако само неколку месеци е во нашата земја тој откри дека е импресиониран од македонската кујна, културата, луѓето, како и местата кои досега ги посетил.
– Прошетав на неколку места во Скопје и можам да кажам дека е одлично место за мене. Исто така пробав од македонската храна која навистина е прекрасна. Кога пристигнав тука бев изненаден од тоа како луѓето од клубот ме примија, тоа се навистина пријатни лица со кои би можел да разговарам по цели денови. Сакам да го посетам Охрид, ми кажаа дека тоа е преубав град, изјави Гарсија.
Американецот полека се навикнува на престојот во Скопје. Тој исто така истакна дека Јадранската лига е многу квалитетна од она што можел да го забележи, но исто така знае дека ќе биде тешко и во домашното првенство. Мило му е што тренерите и новите соиграчи му помагаат да се адаптира во новата средина.
– Ми се допаѓа Скопје, барем од она што можев да видам. Соиграчи се добри со мене и ми помагаат што побрзо да се адаптирам тука. Откако пристигнав се чувствувам удобно, иако не знаев каде точно ќе дојдам да играм. Од неколку фотографии и информации од интернет добив првична слика за ова место, но сега кога сум тука уживам во секој момент. Се надевам дека ќе помогнам на тимот да стигне до нови успеси, а знам дека со добрата игра ќе можам и јас да напредувам како кошаркар. Можам да истакнам дека Јадранската лига е навистина квалитетна и не очекуваат тешки дуели, но очекувам и конкурентна сезона и во домашното првенство, изјави Гарсија, кој ја има улогата на стартен плејмејкер во таборот на МЗТ Скопје.
Кристијан ТРАЈКОВСКИ
Фото: Д. Митрески
Извор: Вечер