Connect with us

Фудбал

Го „седна“ Роналдо на клупата, а потоа „експлодираше“ со хет-трик против Швајцарија за влез во историјата, кој е Гонзало Рамос?!

Португалците одиграа неверојатна партија во осминафиналето на Светското првенство во Катар, кога со 6:1 ја демолираа селекцијата на Швајцарија. Херој на триумфот на Португалија беше Гонзало Рамос, младиот напаѓач на Бенфика.

Момчето родено во Ољао пред 21 година го замени легендарниот Кристијано Роналдо и со три гола, од вкупно шест против Швајцарија, влезе во историјата на својата земја.

Исклучителна сезона во дресот на Бенфика ја круниса со уште подобро издание во португалската репрезентација, поточно на Светското првенство. Тој е корпулентен и силен напаѓач, висок 184 сантиметри, со особено силен удар со левата нога. Тој веќе неколку години го носи прекарот „Магионичарот“ поради неговата сестраност, бидејќи може да игра квалитетно на неколку позиции во нападот.

Гонзало Рамос израсна во младинската школа на Бенфика, до првиот тим на славниот клуб од Лисабон стигна практично од „петлиња“. Неговиот татко Мануел Сенрада Рамос беше фудбалер, играше како крило за просечни клубови како Квартиериенсе, Оваренсе, Салгеирос и Фаренсе.

Гонзало Рамос има договор со Бенфика до јуни 2026 година, а неговата моментална вредност е 24.000.000 евра. Дека клубот верува во него говори и неверојатната клаузула која младиот Гонзало ја има во својот договор, која изнесува неверојатни 120.000.000 евра.

Своето деби за првиот тим на Бенфика го имаше на 21 јули 2020 година, кога доби шанса на пријателскиот натпревар против Депортиво Авес. Тогаш се запиша во листата на стрелците постигнувајќи ги првите два гола во победата од 4:0.