Фудбал
Горан Пандев и официјално се пензионира: Време е за семејството, нема да работам како тренер, но сакам да останам во фудбалот
Нашата фудбалска легенда по крајот на минатата сезона остана без ангажман откако сезоната ја заврши во италијанскиот второлигаш Парма, по што беше извесно дека ветеранот ќе му каже збогум на фудбалот.
Заминувањето во фудбалска пензија популарниот Гоче го објави во изјавата за италијанскиот весник „Газета дело спорт“, потенцирајќи дека во иднина ќе посвети повеќе време на семејството.
„По 20 години… Мојот најстар син има 13 години, а јас го гледав само на паузите меѓу првенствата. Сега е време да се посветам на најблиските. Потоа сигурно ќе работам нешто во фудбалот, затоа што не знам ништо друго да правам. Добра беше промената, летово бев без клуб и можев да се опуштам малку, да не тренирам со месеци. Не знам што би работел, но тоа нема да биде тренер. Можеби агент или спортски директор во некој клуб“, изјави нашиот легендарен капитен Горан Пандев за најтиражниот спортски весник во Италија, „Газета“.Најдобриот македонски фудбалер на сите времиња, Горан Пандев во интервју за италијанскиот весник La Gazzetta dello Sport изрази желба да остане да работи во фудбалот, како спортски директор или како менаџер. Тој не се гледа во улога на тренер.
„Сакам да работам со деца, да им помагам, да ги советувам, да им пренесам дел од моето искуство“.
Пандев им се заблагодари на сите навивачи, претседатели, тренери со кои соработувал во неговата богата кариера.
„Сите тие ми дадоа нешто и јас тоа нема никогаш да го заборавам“.
Струмичанецот, кој од рана возраст почна интернационална кариера во Италија, и со исклучок на само една сезона, остана таму до крај, сака во следниот период да се посвети повеќе на семејството.
Горан Пандев од Беласица на 18-годишна возраст замина во Интер. Играше уште за Специја, Анкона, Лацио, Наполи, Галатасарај, Џенова и Парма.
За македонската репрезентација има 122 настапа и 38 постигнати голови.