Фудбал
Грчката лига е прекината. Судиите не сакаат повеќе да судат
Грчките фудбалски судии, делегати и други функционери најавија бојкот, поради што натпреварувањето во лигата засега е прекинато. Причина за нивниот бојкот, велат, е фактот што работат во опасни услови. Судиите во Грција се честа мета на напади од навивачите, а некои се обвинети за корупција и вмешаност во местење натпревари.
Минатиот месец во Атина беше нападнат судијата Андреас Гамарис, кој беше гаѓан со кофи со гориво од хулигани. Пред неколку дена неговиот колега Тасос Папапетроу доби смртни закани поради неговите одлуки на натпревар. Врвот на Грчкиот фудбалски сојуз се уште не се огласил по ова прашање.
„Грчките и странските судии се постојани мети и жртвени јарци. Добиваме закани, подложени сме на насилство, трпиме напади – физички и вербални – но сето тоа минува неказнето. Затоа решивме да не судиме натпревари, почнувајќи од следниот викенд се додека не ни се обезбедат безбедни услови“, напишаа судиите во отвореното писмо до јавноста.