Connect with us

SPORTM.mk

„Исфрлете не во петта лига, но ќе се вратиме“: Гвардиола првпат за обвинувањата кон Сити

Тренерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола пред натпреварот со Астон Вила се осврна на обвинувањата со кои се соочуваше неговиот клуб претходните денови.

Од почетокот на февруари, највпечатлива тема во англискиот фудбал е скандалот со актуелниот шампион во Премиер лигата, кој е обвинет за кршење на финансискиот фер-плеј во повеќе од 100 случаи во последните девет години.

Поради ова, на популарните Граѓани им се заканува можно исфрлање од Премиер лигата и сите со голема неизвесност чекаат да го видат конечниот епилог од оваа ситуација.

За прв пат откако Сити беше актуелен, пред новинарите се најде Пеп Гвардиола, кој пред мечот со Астон Вила повеќе зборуваше на оваа тема отколку на претстојниот натпревар.

Шпанскиот стручњак истакна дека неговиот клуб премногу лесно бил осуден од јавноста и од другите клубови во Премиер лигата и побарал од сите да им дозволат да се бранат.

„Веќе не осудија. Што се случи оваа недела, исто беше и со УЕФА… Бевме осудени, а сега имаме само обвинувања. Од клубот ми кажаа дека и претходно сме се докажале целосно невини… Зошто да не мислиме дека сме невини? Тоа се само обвинувања, а не осуди. Мора да разберете дека 19 премиерлигаши не обвинуваат без да можеме да се одбраниме. Нашите луѓе објаснија се во последните три, четири години. Знаете на која страна сум“ – изјави Гвардиола.

Потоа беше прашан дали овие обвинувања ги оцрнија сите успеси кои клубот ги постигна во претходните години?

„Би рекол дека имаме среќа што живееме во прекрасна земја во која сите се невини додека не се докаже вината. Но, ние ја немавме таа можност, бевме однапред осудени. Не знам што ќе се случи. Среќен сум што сме тука бидејќи се случи и УЕФА, па имавме можност да се браниме. Премиер лигата поддржана од 19 клубови ќе земе добри адвокати да ја бранат својата позиција како што ние ќе ја браниме нашата. Времето ќе диктира што ќе се случи. Само во случај да не сме невини, ќе ги прифатиме обвиненијата и што и да одлучи Премиер лигата. Но, што ќе се случи ако во истата ситуација како што се случи со УЕФА сме невини? Што ќе се случи за да се поправи штетата што ни е направена? Ова трае веќе десет години“ – се запраша Шпанецот.

Гвардиола продолжи да го споредува овој случај со оној кога УЕФА направи истрага. Тогаш Сити првично беше суспендиран на две години од европските купови и казнет со 30.000.000 евра, но потоа казната беше променета на само 10.000.000, а забраната на меѓународната сцена беше укината.

„Штом УЕФА објави соопштение против нас, една недела подоцна девет клубови побараа да не исфрлат од Лигата на шампионите. Сега не е поинаку. Истите обвинувања, истите барања да не избркаат од ЛШ, да не исфрлат во трета лига… Што е со третата лига. Дури и тоа не е доволно. Треба да не избркаат, во четврта, петта лига… Но да знаете дека веќе бевме таму и ќе се вративме. Ќе ги донесеме Пол Диков и Мајк Самерби и ќе се вратиме“ – се присети Гвардиола на некои претходни времиња.

Шпанскиот стручњак немаше дилема во кого верува во целата оваа приказна, а верува дека на крајот се ќе заврши добро за неговиот клуб.

„Ако изберам помеѓу она што го кажуваат тие девет тима претходно или 19 сега од една страна, и мојот народ од друга страна – јас сум лојален на мојот народ. Клубот разговараше со сите нас, но јас немав разговор со играчите. Трениравме за Астон Вила. Невозможно е некој да ги одземе сите големи моменти низ годините кои ни припаднаа нам и на нашите навивачи. Судовите ќе одлучат, но јас сум убеден дека сме целосно невини. Секогаш сме вакви. Уште од првиот ден кога луѓето од Абу Даби го презедоа клубот“ – изјави Гвардиола, кој потоа укажа на огромниот напор што го вложуваат сите зад „кулисите“ за Сити да стане шампионски тим.

Гвардиола потоа се осврна на разговорите за негово напуштање на клубот.

„Не мрдам од оваа фотелја, ве уверувам“ – јасно кажа Гвардиола и додаде:

„Повеќе од кога било сакам да останам. По долги години во Премиер лигата, не сакам да заминам. Да, ние сме сами против сите, тоа е сигурно. Но, мораме да ја победиме Астон Вила како порано. Тие 19 клубови нема да ни помогнат. Ја освоивме Премиер лигата минатата сезона на теренот. Ќе се браниме“ – нагласува Шпанецот.

Тој истакна дека се во клубот се одвива според планот, и дека има апсолутна доверба во раководството на клубот и нивните уверувања дека немало прекршување на законот.

„Сега сум посигурен во нивниот случај отколку кога беше спор пред УЕФА бидејќи тие имаат многу информации. Секој продолжува да ја работи својата работа. Лекарите ја вршат работата, играчите ја работат работата и се фокусираат на неа. Сега сите ќе зборуваат за нас секој ден и мораме да останеме фокусирани на теренот“.

Тогаш Гвариола беше прашан дали навистина верува дека сите други клубови сакаат Сити да биде исфрлен од Премиер лигата.

„Тешко ми е да одговорам на тоа… По ова што ни го направија треба да бидеме внимателни. Многу клубови имаат некои предлози и многумина се обвинети за истите работи како нас. Имам мислење, но прашање е што мислат навивачите. Очигледно е дека некои навивачи сакаат да не видат надвор од конкуренцијата бидејќи сметаат дека не сме се однесувале соодветно. Сами сме во борбата против 19 екипи. Првата која треба да ја победиме е Астон Вила“ – изјави Гувариола.