Фудбал
Јаневски: “Секогаш е тешко да се освојат три бода во Битола“
Шефот на стручниот штаб Чедомир Јаневски задоволен од изданието на играчите во првото полувреме во натпреварот со Пелистер, и од победата на екипата. Јаневски истакна дека секогаш е тешко да се освојат трите бода во Битола, особено на вакви дерби мечеви.
„Драго ми е што сум повторно во Битола. Од овој град излегоа многу добри фудбалери, а со некој од нив и денеска сум голем пријател. Честитки за одличниот прием и добрата атмосфера. Имавме одличен терен за игра. Секогаш е тешко да се освојат три бода во Битола, особено што знаеме какво е ривалството помеѓу Пелистер и Вардар. Во првиот дел бевме доминатни и заслужено поведовме. Во вториот дел имавме малку проблем, Пелистер отиде на сè или ништо што се вели, отиде малку понапред, и тука немавме решение во креирањето на нашата игра, и не можевме да дојдеме во ситуација да играме како во првото полувреме. Но, имавме и многу простор во нападот и тој простор мораше да го искористиме, и порано да го решиме победникот. Имавме и една убава шанса кога Барсегјан не успеа да реализира. Вака мораше да се бориме и да бидеме добро организирани до крајот на натпреварот. Овој ритам не е лесен за Вардар, играме натпревари среда – недела – среда. Имаме многу тешки натпревари, затоа и принудени сме да правиме многу ротации во составот. Проблем претставуваат и повредите на одредени играчи. Правиме напори што можеме да менуваме да изротираме за да имаме добри тимови за сите три фронта“, изјави Јаневски по победата во Битола.