Connect with us

Други спортови

Јубилејна 50 пол позиција во кариерата на Себастијан Фетел

Себастијан Фетел (30) ќе биде предводник на трката за ГН на Мексико (недела, 20 часот), 18. во Формула 1 шампионатот во 2017 година. Германецот беше најбрз во официјалните квалификации на патеката „Браќа Родригез“ крај Мексико Сити и со време од 1:16,488 минути (рекорд) ја обезбеди јубилејната 50 пол-позиција во кариерата. Заедно со него од првиот ред ќе стартува и Макс Ферстапен од Ред Бул.

Трет резултат оствари Луис Хамилтон, водечки во генералниот пласман, а од четвртото место ќе тргне неговиот клупски колега од Мерцедес, Валтери Ботас. Зад нив ќе следуваат Кими Раиконен од тимот на Ферари и Естебан Окон од Форс Индија, седмата и осмата позиција ја резервираа Даниел Рикардо и Нико Хулкенберг за топ 10 да биде заокружен со Карлос Сајнц и миленикот на домашната публика, Серхио Перез.

Пласман меѓу првите пет на Хамилтон ќе значи и освојување на шампионската титула без оглед на резултатите на останатите пилоти. На три трки до крај на сезоната Британецот има 331 бод, 66 повеќе од Себастијан Фетел. По Мексико ќе преостанат уште трките за ГН на Бразил (10-12 ноември) и за ГН на Абу Даби (24-26 ноември).