Фудбал
Кака со чудна изјава: Најдобриот момент во Реал Мадрид беше кога ми рекоа дека заминувам
Одигра 85 мечеви, постигна 23 голови, освои три пехари, Ла Лига, Купот на Кралот и Суперкупот на шпанија. Рикардо Кака остави трага во Реал Мадрид, но неговата изјава ги шокираше навивачите. Како што вели тој, најдобриот момент од престојот во овој клуб бил моментот кога му било кажано дека заминува.
-Сигурно звучи чудно, но најдобар ми беше денот кога ми беше речено дека заминувам. Тогаш разговарав со Флорентино Перез и тој ми рече дека во мене гледале еден голем професионалец, кој дал сѐ од себе за да донесе големи резултати во Мадрид, но повредите и малата минутажа го спречиле да продолжи да го прави тоа. Неговите зборови ми дадоа големо задоволство бидејќи почувствував дека вратите на Мадрид секогаш ми се отворени. Затоа никогаш нема да слушнете да кажам нешто лошо за Реал или за Жозе Мурињо, изјави Кака.
Најголемата слава Кака ја стекна во Милан, од каде во 2009-та се пресели во Реал Мадрид. По четири сезони во Кралскиот тим повторно се врати во Милан каде одигра уште една сезона, па замина во МЛС лигата, поточно во Орландо Сити. Пред пензионирањето играше малку и за Сао Пауло, каде што практично ја почна својата кариера.