Connect with us

Фудбал

Кампања на ФФМ и ОБСЕ „Омразата не игра на наш терен, да ја исклучиме и од трибините“

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и Организацијата за безбедност и соработка на Европа (ОБСЕ) претставувана преку нивната мисија во Скопје ја промовираше кампањата под мото „Омразата не игра на наш терен, да ја исклучиме и од трибините“ во процесот на спротивставување и спречување на сите појави на насилно делување и говор на омраза на спортските натпревари, соопштуваат од ФФМ.

Оттаму велат дека нивна мисија е заедно со поддршка од мисијата на ОБСЕ во Скопје да ги штитат вредностите и клучните принципи на фудбалската игра, како што се интегритетот, различноста, дигнитетот, противниците и поддржувачите, сѐ со цел, како што велат, да го заштитиме вистинскиот дух на нашата игра.

Преку видео пораки како главни промотори на кампањата се вклучени Баже Илијоски, Висар Муслиу, Теодора Димоска, Илса Максути и Гого Јовчев.

– Со иницирање на активности за подигнување на свесноста за повисоко ниво на толеранција на фудбалските терени и надвор од нив се испраќа порака до навивачите, а особено младите за штетните ефекти од говорот на омраза и нетолеранција. Фудбалот е одлична платформа за испраќање позитивни пораки. Повикот за фер навивање упатен од страна на нашите сегашни и поранешни фудбалски ѕвезди до македонската фудбалска публика ќе ја пренесе пораката дека фудбалските стадиони се места каде можат да се чувствуваат безбедно и каде сите се добредојдени. Искрена благодарност до мисијата на ОБСЕ во Скопје за иницијативата и поддршката во организирање на оваа кампања. Фудбалската федерација е секогаш отворена за соработка со сите организации и институции кои ја даваат својата поддршка кон развојот на фудбалот и сакаат да придонесат кон фер игра и позитивната атмосфера на и надвор од терените, изјави генералниот секретар на ФФМ, Филип Поповски.