Connect with us

Ракомет

Канељас: „Барселона беше мој прв тим, секој натпревар со нив е посебен“

Македонскиот ракометен шампион Вардар, вечерва (17.30 ч) во СЦ “Јане Сандански” го пречекува каталонскиот гигант Барселона, во рамките на 5. коло од А – групата во Лигата на шампините. Ова ќе биде битка за првото место во групата, бидејќи и двата тима од стартот на сезоната имаат скор од три победи и едно реми. Особено мотивиран на овој натпревар ќе биде Жоан Канељас, кој три години од својата кариера помина во овој клуб.

Играв за Барселона три години и мојот прв професионален договор беше со овој тим. Периодот кој го поминав во овој клуб не беше баш најдобар за мене. Бев млад и не играв многу, бидејќи во тоа време за клубот играа големи ѕвезди, беше многу тешко да се добие шанса да се биде на теренот. Но, играњето против овој клуб е нешто посебно за мене. Се уште имам многу пријатели кои настапуваат за Барселона и се дел од националниот тим. Во изминативе неколку години одиграв многу дуели против нив, неколку беа во мечеви за титула. Кога сум далеку од дома натпреварите против овој клуб се специјални, бидејќи многу мои пријатели доаѓаат да ги гледаат. Но, јас се обидувам да го игнорирам тоа и да се сконцетрирам на играта на теренот, изјави Канељас во интервју за ЕХФ.

Шпанецот, пред да ја освои европската титула со Вардар, два пати играше во финалето на Лигата на шампионите, но тогаш остана со празни раце.

Во ова натпреварување е многу тешко да се пласирате на завршниот турнир. Минатата сезона ние не бевме на листата на фаворити, бидејки сите мислеа дека ПСЖ и Барселона ќе играат во финалето. Меѓутоа, играњето без притисок ни помогна да ја освоиме титулата. Се разбира имавме и многу среќа во клучните моменти, вели Жоан и додава што треба да направи Вардар за да ја победи Барса во овој натпревар.

Тие се тим кој е микс од искусни и млади ракометари како Дика Мем, Тимоти Н’Гесан, Јанис Лане…), кои имаат одлична сезона. Доколку сакаме да победиме на овој натпревар, мораме да најдеме решение за најдобрите елементи на нивната игра.