Кошарка
Кокошков нема да ја предводи Словенија во квалификациите за Светското првенство во Кина
Селекторот на кошаркарската репрезентација на Словенија Игор Кокошков нема да ја предводи селекцијата на европскиот првак во квалификациите за Светското првенство во Кина.
– Невозможно е да бидам на клупата на Словенија. Новиот календар на ФИБА има влијание на играчите, но и на тренерите. НБА играчите сигурно нема да играат во квалификациите, во ноември 2017 и февруари 2018 година. Голем проблем за Словенија ќе биде и ако не се најде решение за спорот меѓу ФИБА и Евролигата. Тоа ќе биде поголем проблем од тоа дали јас ќе бидам селектор, изјави Кокошков.
Српскиот тренер, кој ја предводеше Словенија до златниот медал на штотуку завршениот Евробаскет, има улога и на асистент во НБА тимот Јута Џез и од таа причина не е во можност да биде на клупата на Словенија. Сезоната во НБА лигата ќе се „поклопи“ со дел од квалификациите за СП во Кина.
Според словенечките медиуми, најверојатно некој од неговите помошници: Јака Лакович, Александер Секулич и Радо Трифунович ќе го менува за квалификациските дуели на Словенија за „Мундобаскетот“ против Шпанија, Црна Гора и Белорусија.