Connect with us

Фудбал

„Комити“ со ултиматум до Арсовска и Славевски: Имате 48 часа да ги исплатите средствата!

Навивачката група на најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар, Комити Скопје уште еднаш се обрати кон градоначалничката Данела Арсовска и претседателот на Советот на град Скопје Трајко Славевски да ги доделат финансиските средства за клубот.

Градот Скопје пред повеќе од три месеци изгласа парична помош за ФК Вардар, оттогаш помина долго време, но парите не се легнати на сметката на клубот.

Комити денеска упатија апел до градоначалничката Данела Арсовска и претседателот на советот на Град Скопје, Трајко Славевски да ги уплатат парите веднаш.

„Упатуваме апел до претседателот на советот на Град Скопје, Трајко Славевски и градоначалничката Данела Арсовска, финансиските средства наменети за ФК Вардар, изгласани едногласно уште на 20.07.2023 да бидат доделени веднаш. Немате повеќе време за чекање!
Вашата пасивност во однос на ФК Вардар и меѓусебното префрлање на одговорноста, се недозволиви. Никогаш нема да прифатиме, било кој да има таков однос кон клубот на народот. Затоа, упатуваме јасно барање – постапете веднаш!
Доколку за 48 часа не постапите и не ја спроведете одлуката, најавуваме радикализација на борбата.
Не дозволувајте да бидете запомнети како луѓе кои свесно или несвесно го саботирале клубот на народот. Не дозволувајте повторно да треба да се огласиме по однос на ова прашање“, стои во објавата на Комити.