Connect with us

Фудбал

Конечно, вистинско „Дерби на Италија“, има ли шанси Конте против својата „Стара дама“?

Сите погледи на фудбалскиот свет вечерва се свртени кон Милано. На програмата е „Дерби на Италија“, се среќаваат Интер и Јувентус. Конечно, вистинско дерби помеѓу овие два големи ривали, коментираат италијанските медиуми. Ова е пред се поради формата и играта на Интер, бидејќи во последните неколку години „Нероаѕурите“ немаа тим за големи натпревари.

Уште поглема тежина на ова дерби му дава Антонио Конте. Човекот кој 13 години го носеше дресот на Јувентус и речиси целата своја кариера ја помина во овој тим, на кој беше и капитен, сега е на клупата на нивниот најголем ривал.

Конте има и своја „ѕвездичка“ пред новиот стадион во Торино. Навивачите пишуваа петиција да се „избрише“, но првиот човек на Јуве, Ањели одби такво нешто и порача дека тој бил и ќе остане дел од историјата на тимот од Торино.

Конте со Јувентус освоил се што може да се освои како играч, а како тренер, со истиот тим освои три шампионски титули.

Пред почетокот на сезоната седна на клупата на Интер. Веднаш се покажа дека е одличен стратег. Неговиот тим забележа шест победи од шест меча во Серие А и со право за прв пат во последните неколку години Јувентус стравува за својата доминација. Голем дел од италијанските критичари и коментатори, велат дека Интер со Конте може да го сруши Јувентус од тронот.

Последен пат се радувал на победа против Јувентус, на 18 септември 2016 година. Тогаш Икарди и Перишиќ погодија за победа, иако преку Лихштајнер му донесе водство на Јувентус. Но, ниту еден од овие фудбалери вечерва нема да настапи на дербито бидејќи сезонава не се дел од овие тимови.

Податокот дека само еден меч од последните десет помеѓу овие две екипи завршил без голови, доволно зборува каков натпревар вечерва треба да очекуваме. Уште ако се знае дека „Џузепе Меаца“ е распродадена уште пред една недела, вечерва конечно ќе гледаме вистинско „Дерби на Италија“.

Натпреварот се игра во терминот од 20:45 часот.

Последни пет меѓусебни пресметки во Серие А

Интер – Јувентус 1:1

Јувентус – Интер 1:0

Интер – Јувентус 2:3

Јувентус – Интер 0:0

Јувентус – Интер 1:0

Форма на Интер, последни пет меча во Серие А.

Каљари – Интер 1:2

Интер  – Удинезе 1:0

Милан – Интер 0:2

Интер –Лацио 1:0

Сампдорија – Интер 1:3

Форма на Јувентус последни пет меча во Серие А.

Јувентус – Наполи 4:3

Фиорентина – Јувентус 0:0

Јувентус – Верона 2:1

Бреша – Јувентус 12

Јувентус – Спал 2:0