Connect with us

Фудбал

Мбапе сака подобра позиција во францускиот великан – Дали ПСЖ губи уште една ѕвезда?

Гласините за иднината на францускиот напаѓач на ПСЖ Килијан Мбапе не престануваат, а спортскиот директор на парискиот клуб, Леонардо, рече дека не може да гарантира дека младиот фудбалер ќе го продолжи договорот.

Мбапе постојано го поврзуваат со Реал Мадрид, особено откако 20-годишниот Французин изјави дека би сакал да има поголеми одговорности.

„Не станува збор за тоа дали неговиот договор е приоритет или не, Мбапе е овде, тој е многу важен за клубот и нема сомнеж во неговата важност. Се врати на тренинзи со суперпозитивен став, насмеан. Харизматичен е, луѓето го сакаат и важно е да имаме играчи како него во тимот“, изјави Леонардо за Le Parisien.

Младиот напаѓач има договор со ПСЖ со траење од уште три години, но може да го прекине и да премине во Реал со солидна отштета.

„Не можам да давам ветувања, има две причини за тоа. Прво, не можам да зборувам во име на сите играчи во клубот и второ, не давам ветувања ако не сум сигурен дека можам да ги исполнам. Ме интересира само сегашноста“, додаде спортскиот директор на ПСЖ.

Една од причините поради кои Мбапе размислува за заминување од ПСЖ е неговата желба да се врати на позицијата централен напаѓач. Едисон Кавали моментално го држи тоа место во ПСЖ, а тренерот Томас Тухел го користи Мбапе како крилен напаѓач.

„Ако ги погледнете кариерите на некои големи играчи, ќе видите дека играле на различни позиции. Зинедин Зидан и Кристијано Роналдо играле и лево, и десно и напред, Роналдињо играше на различни позиции. Играч како Мбапе може да прави што сака, да игра на секоја позиција. Многу е квалитетен, агилен, брз и има талент за техника. Одличен голгетер, интелигентен е и има буквално сѐ“, заврши Леонардо.