Connect with us

Ракомет

Младите ракометари на РК Пелистер ќе останат без сала за тренинг?

Младите ракометари на РК Пелистер ќе останат без сала за тренинзи ако до понеделник клубот не го подмири долгот кон Гимназијата Јосип Броз Тито, каде младинците тренираат со години. На синоќешниот тренинг кој ракометарите го одржуваат во последниот термин од 21:30 часот, директорот на Гимназијата, Кирил Печалев најпрвин не сакал да дозволи влез во салата за членовите на клубот, но подоцна се премислил и ги отворил вратите од салата. На претставниците на клубот им рекол дека в понеделник е крајниот рок за подмирување на обврските во висина од околу 25.000 денари што клубот ги има кон училиштето за закупот на салата за тренинзи, пишува Телевизија Орбис.

Од РК Пелистер за Телевизија Орбис велат дека станува збор за долг од пред три години, во време кога Пелистер го водеше здружение на граѓани. Со пререгистрацијата на клубот во акционерско друштво, не биле преземени и обврските на здружението, туку било формирано ново правно лице, со посебна жиро сметка. Долгот од околу 25.000 денари што Гимназијата сега го побарува се однесува на десетина месеци, но според нашите соговорници во моментов е скоро неверојатно и да биде исплатен затоа што здружението во чија сопственост беше РК Пелистер, веќе не постои. Од клубот тврдат дека на сметката на Пелистер има пари, но долгот кон Гимназијата не може да биде подмирен бидејќи сега веќе нема правна основа за тоа. На правото да тренираат во салата на Гимназијата Јосип Броз Тито, од Пелистер се повикуваат на Одлуката на Советот на Општина Битола донесена во септември минатата година и објавена во Службениот гласник на Општина Битола број 11 од 2016 – та. Во членот 1 од одлуката за користење на училишните спортски сали на подрачјето на Општина Битола без надомест стои дека Општина Битола ги ослободува сите спортски акционерски друштва каде што Општината се јавува како 100 % основач на акционерското друштво од надоместокот за користење на спортските сали во основните и средните училишта на подрачјето на Општина Битола.

РК Пелистер како и повеќето спортски колективи во Битола подолг период, во различни интервали се соочуваат со најразлични проблеми. За надминување на истите не помогна многу ниту финансиската поддршка од Општина Битола и заложбите на Градоначалникот Владимир Талески локалната самоуправа да го помага спортот, дури и кога нема обврска за тоа.  Соочена со изборниот период во кој се наоѓа државата, неизвесно е дали општината ќе најде начин да им обезбеди сала за тренирање на ракометните школи на РК Пелистер, што во иднина треба да бидат иднината на ракометна Битола.