Connect with us

Фудбал

Многумина беа шокирани што Рамос не оди на Светско првенство. Еве како тој го коментира тоа

Кога селекторот на шпанската фудбалска репрезентација Луис Енрике пред неколку дена го објави списокот со играчи кои ќе ги однесе во Катар на Мундијалот, најголем шок за многумина беше отсуството на Серхио Рамос. Поранешниот капитен на Шпанија одигра 180 натпревари за нив, конечно е целосно здрав и фит и е дел од стартната постава на Пари Сен Жермен.

Оттогаш се чекаше реакцијата на Рамос. Пристигна во форма на негова објава на Инстаграм.

„Минатата сезона беше напорна поради повредите и навикнувањето на нов клуб и нов град. Целосно се посветив на опоравување, со цело тело и душа, следејќи ги моите цели и амбиции. За среќа, можам да кажам дека оваа сезона се чувствувам добро, повторно уживам во фудбалот играјќи за голем клуб во голем град“, започна тој, а потоа се сврте кон Светското првенство:

„Светското првенство беше голем сон и се надевав дека ќе одам. Тоа ќе беше мое петто Светско првенство, но за жал ќе морам да го гледам од мојот дом. Тешко е, но сонцето ќе изгрее и утре. Не би менувал ништо за себе. Ниту менталитетот. Ниту страста. Ниту посветеност, труд, размислувањето за фудбалот 24 часа на ден. Така се чувствувам и сакав да го споделам тоа со вас“.

„Ви благодариме за поддршката. Има уште многу предизвици и голови. Се гледаме наскоро“, напиша Рамос со порака и посака се најдобро и зборови на поддршка за шпанската репрезентација.