Connect with us

Фудбал

Му се заканувал на фудбалер дека ќе го убие-Еден од најдобрите судии во Италија и Европа суспендиран

Еден од најпопуларните италијански судии и долгогодишен судија во Лигата на шампионите, Фабио Мареска е суспендиран бидејќи „се заканувал дека ќе убие фудбалер за време на натпревар“.

Мареска (43) е забележан како еден од најдобрите и најпопуларни италијански судии кој ја дели правдата на дербијата во Серија А, сепак, сега ќе биде на едномесечно „ладење“ затоа што претерал за време на мечот што го судеше во Кувајт.

Земјите од Блискиот Исток со години ги користат и плаќаат најдобрите европски судии за да делат правда на тамошните фудбалски натпревари, а истата ситуација е и во Кувајт, каде во петокот правдата ја делеше Фабио Мареска. На тој натпревар се случи вистински скандал бидејќи италијанскиот судија беше обвинет дека се заканувал со убиство на локалниот фудбалер Калед Ал Мурхсед.

„Се гледаме следниот пат, ќе те убијам“, му порачал Мареска на играчот, а тој не негираше, туку се бранеше дека тоа е само шега. Ал Муршед сè им пријавил на властите.

Дека работите не се безопасни, покажа реакцијата на УЕФА. Мареска синоќа требаше да биде четврти судија на натпреварот од Лигата на шампионите меѓу ПСВ и Спортинг, но беше казнет и отстранет од списокот за натпреварот. Според најавите на италијанските медиуми, и во Серија А се соочува со пробна суспензија од еден месец.