Connect with us

Кошарка

НБА го враќа стариот формат на Ол-стар натпреварот

НБА Ол-стар натпреварот кој ќе се игра во Индијанаполис на 18 февруари 2024 година ќе се одржи во стариот формат во кој ќе се соочат екипите на Истокот и Западот, објави најдобрата кошаркарска лига во светот. Во овој формат, последниот натпревар на најголемите НБА ѕвезди се одигра во 2017 година.

Во последниве години, тимовите што се сретнаа на Ол-стар натпреварот ги добија имињата на нивните капитени, кои ги собраа така што наизменично избираа соиграчи од списокот на кој гласаа навивачите, без оглед на конференцијата. Се користеше формат во кој екипите играа три четвртини од по 12 минути, така што во четвртата четвртина беше одреден конечниот број на поени до кои победничката екипа мора да достигне, без временско ограничување од 12 минути.

Навивачите на НБА сепак ќе имаат можност да гласаат за најдобрите играчи од Источната и Западната конференција, како што беше досега, а капитени ќе бидат играчите кои ќе добијат најмногу гласови. Екипите ќе бидат составени од 12 играчи. Ова ќе биде 73-то издание, а натпреварот ќе се игра во Гејнбриџ Филдхаус, домот на Индијана Пејсерс.