Connect with us

Фудбал

Њукасл го декласираше ПСЖ, Сити лесно против Лајпциг

Комплетирано е второто коло во групите Е, Ф, Г и Х од Лигата на шампионите. Победи забележаа Манчестер Сити, Њукасл, Лацио и Барселона, додека победник немаше во дуелот помеѓу Борусија и Милан.

Манчестер Сити по третиот обид успеа да забележи победа во Лајпциг, па сега по две кола е осамен на врвот во групата Г со стопроцентен учинок.

Стрелец на водечкиот гол беше Фил Фоден во 25. минута по асистенција на Рик Луис. Сити на полувремето замина со минимално водство, но практично на самиот почеток од вториот дел домашните израмнија. Стрелец во 48. минута беше Опенда на асистенција на Јусуф Поулсен.

Гостите напаѓаа со сите сили, создаваа шанси, но бундеслигашот добро се бранеше. Се до 84. минута, кога замената Хулијан Алварез, само пет минути по влегувањето во игра, постигна уште еден гол, трет во Лигата на шампионите оваа сезона и потврди дека е во одлична форма. Што е уште поважно, тој го трасираше патот до големата победа на европскиот првак, што во втората минута од судиското надополнување го потврди уште една замена, асистенцијата на Алварез при вториот гол на Џереми Док.

Во вториот натпревар Црвена звезда и Јанг Бојс ремизираа 2:2. Шериф Ндиаје (34′) и Осман Букари (88′) погодија за белградскиот тим, а Филип Угриниќ (48′) и Седрик Итен (61′- од пенал) погодија за гостите. Во поредокот во групата води Сити со шест бода, Лајпциг има три, а Црвена звезда и Јанг Бојс по еден.

Долго се чекаше Лигата на шампионите на Сент Џејмс Парк, но навивачите конечно успеаја да гледаат елитка екипа како гостува кај нивните „страчки“. Во најсилната група, Њукасл по две кола е лидер на таберлата.

По големиот бод освоен на Сан Сиро во Милано, црно-белите го пречекаа првиот фаворит во групата, Пари Сен Жермен. Сепак, немаше преголем респект и веќе по 39 минути домашните водеа со 2:0. Стрелци беа Алмирон во 17. минута и Бурн во 39. минута.

Со големи 2:0 „страчките“ заминаа на одмор, но веќе на почетокот на вториот дел го постигнаа третиот гол. На 3:0 зголеми Лонгстаф во 50. минута. Сепак, Пари Сен Жермен брзо реагираше. Само шест минути подоцна Лукас Ернандез намали на 3:1. Но, тоа беше се што успеа да направи скапиот тим од Париз. На крајот прими уште еден гол, бидејќи Фабијан Шер зголеми на 4:1 во првата минута од судиското надополнување.

Милан досега не дава голови во Лигата на шампионите, но исто така и не ги прима. По нула на стартот од натпреварувањето на Сан Сиро против Њукасл, забележаа нула во Дортмунд против Борусија. Два натпревари, два бода, дали италијанскиот претставник е на „позитива нула“ ќе се види во продолжението од натпреварувањето.

Во дуелот помеѓу двете екипи кои победија во првото коло на стадионот Драгао, Барселона ја доби битката. Шампионот на Шпанија поведе во првата минута од судиското надополнување во првото полувреме. Илкај Гундоан запиша уште една асистенција, а стрелец беше Феран Торес.

Барселона на Чави уште еднаш покажа дека не и е чудно да ги одржува резултатите и да изгледа многу добро во одбраната. Додуша, сето тоа можеше да се смени доколку на крајот беше признат голот на Тареми, но беше поништен поради офсајд. На крајот, Барса скапо ја плати победата, бидејќи Гави во третата минута од судиското надополнување доби втор жолт картон, поточно црвен.

Селтик се уште е без бод во Лигата на шампионите оваа сезона, иако може да жали и за трите. Тој играше на домашен терен во Глазгов со Лацио и загуби со 2:1, иако водеше со голот на Фурухаши во 12. минута.

Израмни Весино во 29. минута. Тој резултат остана до крајот, иако Селтик постигна уште еден гол. Во 81. минута Палма ја затресе мрежата на Римјаните, но по интервенција на ВАР голот беше поништен поради офсајд.

Токму кога се мислеше дека ќе остане 1:1, искусниот Педро му донесе победа на Лацио во шестата минута од судиското надополнување. За римјаните судиските надополнувања се покажаа како решавачки, бидејќи во првото коло со гол во петтата минута од судиското надополнување дојдоа до бод против Атлетико.