Фудбал
Остра реакција на Ла Лига: Поднесена кривична пријава поради навреди кон Винисиус
Поради расистичкитео навреди упатени кон напаѓачот на Реал Мадрид, Винисиус Јуниор, шпанската лига покрена постапка против навивачите на Ваљадолид.
По натпреварот одигран на стадионот „Хозе Зориља“, Винисиус се пожали дека локалните навивачи го навредувале на расна основа, а таквите работи постојано се повторуваат поради немањето вистинска реакција од лигата.
По неговите зборови реагираа челниците на Ла Лига кои поднесоа кривична пријава.
Во нивното соопштение се вели дека лигата приложила аудио и видео докази во тужбата за злосторство од омраза во локалните судови, а од Шпанската фудбалска федерација било побарано да го истражи инцидентот и да размисли за можна казна за Ваљадолид.
Ова не е првпат бразилскиот репрезентативец да се соочува со расистички навреди, а особено голема бура настана по дербито со Атлетико Мадрид на кое навивачите на градскиот ривал го нарекоа „мајмун“.
Тогаш немаше реакција од шпанското државно обвинителство, кое ја затвори истрагата за случајот, наведувајќи дека нема доволно докази за откривање на сторителите на злосторството од омраза.
Претходно тој беше навредуван од претседателот на Здружението на шпански агенти, Педро Кастро, во програма во живо на една телевизиска емисија, а слично беше и пред две години кога беше мета на навивачите на Барселона.