Connect with us

Фудбал

Падна тренерски шеф во Бундеслигата

Аугсбург се раздели со тренерот Енрико Маасен, објави клубот. Причина за разделбата е лошата форма во која се наоѓа баварскиот клуб од почетокот на сезоната во Бундеслигата. Аугсбург е на 15. место со само 5 бода од 7 натпревари и е во серија од 2 порази.

„По опсежни дискусии и проценка на моменталната спортска ситуација, ФК Аугсбург одлучи веднаш да се раздели со главниот тренер Енрико Маасен. Ви благодариме многу за вашата неуморна работа за нашиот фудбалски клуб, Енрико!“, напиша Аугсбург на клупскиот профил на Твитер.

И самиот Маасен ја коментираше разделбата, не криејќи го разочарувањето: „Нормално, разочаран сум од оваа одлука, бидејќи сум убеден дека заедно можеме да ја промениме ситуацијата. Благодарен сум на Аугсбург и на управата на клубот што ми дадоа можност да работам во Бундеслигата. На клубот му посакувам се најдобро во иднина и се надевам дека темелите што ги поставивме заедно можат да доведат до успех“.

Тобијас Штробл, кој е тренер на тимот до 23 години, ќе го води машкиот тим додека Аугсбург не најде постојана замена за Маасен.