Connect with us

Други спортови

Плакета за Димитриевски за освоеното петто место на Светско првенство во карате

Со општинска Плакета за особени заслуги во спортот, градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, му го честиташе успехот на младиот Христијан Димитриевски, кој на Светското карате првенство за кадети и јуниори во Тенерифе, Шпанија, освои петто место во кати – екипно.

Чест е да се биде во присуство на исклучителни личности кои со своите достигнувања ја претставуваат општината и државата, кои со своите квалитети и потенцијали и лични заложби ги прават горди нивните родители, тренери, но и сите нас. Го поздравувам овој голем светски успех, но и сите досегашни успеси на Димитријевски, со желби да продолжи да постигнува уште поголеми резултати во иднина, порача Мицевски.

Димитријевски беше дел од националниот ката-тим кој во Тенерифе од 25 до 29 октомври освои две петти места и неколку пласмани во 4 – то коло на големото натпреварување од светски ранг.

Градоначалникот ги прими претставниците на карате клубот „Шампион“ каде Димитријевски ги стекна основите на карате спортот и со помош на тренерите Жарко Ангеловски и Стевче Христовски.

На средбата Мицевски се запозна со состојбите во спортот, тековните активности на КК „Шампион“ и со нивните досегашни успеси на локално, национално и меѓународно ниво, а беа договорени и следните чекори за соработка и поддршка на активностите на клубот.