Фудбал
Планиран терористички напад за време на „Ел Класико“, за среќа планот на терористот не успеал
Пандемијата на коронавирус на својот врв во 2020 година однесе многу животи, но во овој случај и спасила. Бомбаш планирал да активира експлозив на Ел Класико, што за среќа не успеало.
Џихадист од групата Исламска држава (ИД) планирал да изврши напад со дрон за време на дербито Барселона-Реал Мадрид на стадионот Камп Ноу.
На крајот нападот не се случил, а шпанските медиуми пренесуваат дека напаѓачот бил уапсен и во меѓувреме е осуден на три години затвор.
Мажот чија возраст е непозната и работел во бар, станал член на Исламската држава преку брз процес на радикализација во пролетта 2020 година, кога Шпанија беше во карантин, според доказите презентирани во судот.

Повикувајќи на „џихад и мачеништво“ во март 2020 година на Фејсбук, овој маж бил контактиран од член на групата Исламска држава, со шифрираната услуга за пораки Телеграм, давајќи му инструкции да изврши напад „за да се прочисти и да обезбеди место во рајот“.
Мажот требало да испрати дрон наполнет со експлозив над стадионот Камп Ноу во Барселона, за време на „Ел Класико“ и да го активира внатре во стадионот.

Бомбашот можеби ќе го остварел својот „сон“ , но шпанското првенство потоа беше прекинато поради пандемијата на коронавирус. За време на паузата во првенството, шпанските разузнавачи ја откриле комуникацијата и планот и го уапсиле лицето.
Инаку, Реал Мадрид таа сезона го освои шпанското првенство, завршувајќи ја сезоната со 87 бодови, пет повеќе од второпласираната Барселона.
Кога станува збор за оваа сезона, Реал Мадрид по 11 кола е прв со 31 бод, три повеќе од Барселона, која ја совлада со 3:1 на неодамнешното Ел Класико.