Connect with us

Други спортови

Пол Еспаргаро премина во Барселона

Сезоната во Мото ГП започна со големо медиумско внимание во Португалија овој викенд, а за жал една од централните теми е застрашувачкиот пад што го доживеа шпанскиот мотоциклист Пол Еспаргаро во петокот на вториот слободен тренинг. Тој беше хоспитализиран со бројни повреди, но на сите им олесна кога и официјално беше потврдено дека неговиот живот не е во опасност.

Во последната комуникација во врска со состојбата на 31-годишниот Еспаргаро, неговиот тим Тех3 не беше особено опширен:

„Пол Еспаргаро беше префрлен во болницата Квиронсалуд во Барселона во текот на ноќта и е под надзор на д-р Анхел Карте. Лекарски тим во Барселона сега ќе се грижи за него и ќе го држи под опсервација. Би сакале да се заблагодариме на болницата Фаро што се грижеше за него откако Пол беше донесен во таа установа во петокот попладне“, се вели во краткото официјално обраќање до медиумите.

Самиот пад изгледаше застрашувачки, а на Еспаргаро му беше укажана прва помош покрај патеката пред да биде однесен во болница во Фаро. Како што објасни тимскиот шеф Ерве Поншарал, Пол има големи болки од сите повреди кои ги заработи, но прогнозите се добри, иако прегледите покажаа дека се здобил со фрактура на вилицата, скршеници на вратните пршлени и контузија на белите дробови.

Прогнозите велат дека Еспаргаро целосно ќе закрепне и ќе може да води нормален живот, но и дека ќе може да се врати на патеката. Единственото прашање е колку време ќе биде потребно за целосно закрепнување.

Во гаражата на Еспаргаро беше паркиран КТМ со број 44 и порака „Брзо опоравување, Пол“.