Фудбал
Повикуваше на војна и убивање на Ерменци, па доби доживотна суспензија
Европската фудбалска федерација (УЕФА) доживотно го суспендираше Нурлан Ибрахимов, портпарол на азербејџанскиот Карабак, поради расистички и неспортски изјави на социјалните мрежи. Воедно побарано е од ФИФА тој да биде суспендиран на сите нивоа, бидејќи УЕФА може да го суспендира само на мечевите кои ги организира оваа организација.
Имено, додека траел воениот конфликт помеѓу Азербејџан и Ерменија во областа Нагорно-Карабак, тој на социјалните мрежи повикувал на војна и убивање на Ерменци. Подоцна ги бришел објавените статуси на фејсбук, но сепак сето тоа било навремено документирано и добил пријава.
УЕФА првично го суспендираше до 3-ти ноемви, но по целосната истрага одлуката е променета, па суспензијата е доживотна. Клубот во кој работел како портпарол ќе треба да плати казна во висина од 100 илјади евра.
Во овој конфликт загинаа и неколку ерменски фудбалери, кои ја прекинаа кариерата за да учествуваат во војната, а Ибрахимов на фејсбук пишувал дека треба да се убијат сите Ерменци, за да не дојдат во ситуација да убиваат Азербејџанци.