Connect with us

Кошарка

Работнички во финале, по четири години

Најдобриот тим во лигашкиот дел од оваа сезона ја потврди фаворитската улога во полуфиналето од плеј-офот и во минимален број натпревари го елиминира Куманово.

Последниот дуел се одигра во Градски парк, а Работнички триумфираше со 81:65. Со тоа, 14-кратниот македонски првак си обезбеди најмалку шест дена одмор бидејќи во случај МЗТ Скопје да слави во четвртиот дуел со Блокотехна, финалната серија ќе почне на 20 мај.

Куманово на третиот натпревар беше ослабен со неиграњето на Ковач што дополнително ја зголеми фаворитската улога на домашниот тим. Со ограничена ротација, поранешниот вицешампион лошо влезе во дуелот, му овозможи на противникот брзо да направи двоцифрена предност (14:4) и веројатно уште тогаш беше решено прашањето околу победникот.

На почетокот од втората четвртина домаќинот направи и +18 (27:9), но како да се задоволи со тоа и го намали темпото. Куманово го искористи тоа и не дозволи Рабнотнички да се „одлепи“, па на полувреме беше +11 за домаќинот (41:30).

Се чинеше дека се е решено на почетокот од вториот дел кога играчите на Марин Докузовски стигнаа до највисоки 20 позитива (53:32), но Куманово повторно потврди дека е жилав противник и се доближи на девет разлика (51:60).

Сепак, Работнички има премногу квалитетни кошаркари за да си дозволи луксуз да загуби, на сцена стапија Еванс и Гинјард и во последната четвртина му го зададе финалниот удар на Куманово.

Токму двајцата Американци беа најефикасни во редовите на домашниот тим со по 17 поени. Стајиќ го предводеше Куманово со 15 поени, а Адем Мекиќ го одигра својот најдобар натпревар во оваа серија и постигна 12 поени.

basketball.mk