Connect with us

Фудбал

Радувај се Македонијо, имаме вистински „дијамант“, Елиф Елмас ја „сруши“ Словенија

Прва победа во официјален натпевар, а четврта вкупно во пресметките со Словенија. Традицијата продолжи и вечерва, Македонија славеше со 2:1 на „крилјата“ на 20-годишниот Елиф Елмас. Одамна нашата репрезентација немала ваков „дијамант“ каков што е играчот на Наполи.

Со два мајсторски гола донесе победа и ги врати надежите, ако ништо друго, теоретски докрај Македонија да се бори за пласман на ЕП.

50-та  и 68-ма минута, се тресеше мрежата на Словенија, а овации од трибините за младиот играч од средниот ред. Можеше и до хет-трик, негов прв во националниот дрес, но во првото полувреме му беше поништен гол, бидејќи Николов беше најблиску до Облак и го „маркираше“.

Не помогнаа ниту бурните реакции на нашите репрезентативци и селекторот Ангеловски. Сепак, во вториот дел наградата дојде. Одличната игра беше крунисана со два гола во мрежата на противникот.

Предоцна беше голот на Иличиќ од пенал во судиското продолженија за Словенија да го избегне поразот. Сосема заслужена победа на нашата репрезентација предводена од вечерва фантастичниот Елиф Елмас. Но, секако тој не беше сам на теренот. Тука беше и искусниот Пандев, кој постојано разигруваше, цврстата одбрана на Муслиу и Ристевски, па бековите Ристовски и Алиоски, па средината предводена од Адеми. Македонија блесна во најдоброто издание во овие квалификации.

На ред е дуелот со  лидерот Полска в недела. Ако се повтори играта од вечерва се е можно. И бод од ова тешко гостување би бил рамен на победа.

КВАЛИФИКАЦИИ ЕП 2020

ГРУПА Г:

МАКЕДОНИЈА – СЛОВЕНИЈА 2:1

АВСТРИЈА- ИЗРАЕЛ 3:1

ЛЕТОНИЈА – ПОЛСКА 0:3

ТАБЕЛА: Полска 16, Австрија 13, Македонија 11 Словенија 11, Израел 8, Летонија 0