Connect with us

Други спортови

Шаховски турнир во чест на Меѓународниот ден на лицата со хендикеп

Сојузот за спорт и рекреација на инвалиди од Кавадарци синоќа по повод 3 Декември – Меѓународниот ден на лицата со инвалидност го организираше традиционалниот шаховски турнир. На турнирот учествуваа лица од сите категории на инвалидност.

– Телесни инвалиди, глуви, наглуви и лица со оштетен говор, слепи и слабовидни, цивилни инвалиди од војната, лица со интелектуална попреченост и лица со друг хендикеп. Повеќето од учесниците во натпреварот се добри шахисти со солидни резултати на државни првенства. Се надевам дека традицијата ќе продолжи, изјави Николче Делов, претседател на Сојузот за спорт и рекреација на инвалиди од Кавадарци.

Според Славка Тотова, секретар на Здружението на лица со телесна инвалидност ,,Мобилност” од Кавадарци, потребно е да се отстранат сите бариери за овие лица и тие активно да се вклучат во сите сфери од општественото живеење.

За овие лица, како што изјави Тотова, планирана е посета на полициската станица со цел да ги дополнат знаењата за безбедноста во сообраќајот, како и посета на музичкото училиште, а организирана е и работилница за нивните ликовни можности.

Тотова посочи дека нема единствен регистар за бројот на оваа категорија на лица во регионот. – Според нашата евиденција во регионот има околу 120 лица со телесен инвалидитет. Во центарот за лица со интелектуална попреченост околу 60 лица. Глувите и наглувите лица се околу 50. Но таа бројка не е конечна, можеби е поголема, оти евидентирани се само членовите кои доброволно се вклучиле во здружение. Центрите за социјални работи имаат податоци, но можеби сепак има лица кои останале нерегистрирани ако не побарале остварување на некое право или не се категоризирани, нагласи Тотова.

На турнирот во шах првото место го освои Миле Атанасоски од Здружението на слепи, а второот место Богоја Јошев од истото здружение. Третото место му припадна на Јанче Сакалиев од Здружението на глуви лица.